Во ерата на 21 век животот на обичниот човек изгледа дека станува се полесен и покомотен за живеење. Во секојдневниот живот секој од нас ужива во придобивките на техничко технолошкиот развој кој го нуди науката.

Секојдневно за превоз користиме автомобил или електричен тротинет, во домот модерните апарати не одменуваат во извршувањето на домашните обврски, индустријата и брзиот начин на живот со својот напредок ни овозможува да се храниме во ресторани за брза храна или со конзервирани готови или полуготови производи кои треба само да ги стоплиме во микробранова печка, или да ги испечеме во рерна или тавче, со што не губиме време во приготвување.

Времето може да го потрошиме во други активности во професијата или во дружење со пријателите. Го живееме животот комотно, задоволни на прв поглед, без да размислиме дали живееме здраво.

Но, недостатокот на физичка активност, неправилната исхрана, стресот, секако и актуелната состојба со светската пандемија на COVID 19 (корона) и тоа како ни го загрозува здравјето.
Во една таква општа состојба, едни од најважните елементи од храната се витамините.

Особено витаминот С, кој е значително присутен во свежата храна.

Но како што погоре напоменавме, заради неправилната исхрана витамин C во нашиот организам го внесуваме многу малку. Постојат докази и дека витаминот C е термолабилен (на повисока температура ја губи својата активност), па секоја подготовка на храна на повисока температура или загревање во микробранова печка резултира со намалување на неговата концентрација. Затоа е потребно да се внесува свежо овошје и зеленчук. Но, за да се задоволат дневните потреби на организмот од витамин C потребно е да се внесуваат многу килограми свежа храна, што практично е невозможно.

Треба да напоменеме дека витамин С не се создава во нашето тело и можеме да го внесеме исклучиво преку храна или како чист витамин.

Но, зошто е потребен витамин С во нашето тело?

Постојат бројни студии кои ја докажуваат значајната улога на витамин C во човечкото тело, како и крајните ефекти од недоволен дневен внес на овој витамин.
Болеста Скорбут се развива исклучиво како последица на недостаток на овој витамин. По ова заболување витаминот C во минатото и станува популарен.

Самиот витамин е силен антиоксиданс и дејствува во метаболитичките процеси на организмот уништувајќи ги слободните радикали. Слободните радикали настануваат во процес на метаболитичките процеси (пр. при варање на храната, подолга експозиција на чад од цигари и сл.) како нус продукт. Слободните радикали се штетни заради тоа што тие имаат способност преку својата исклучителна реактивност да ги уништуваат здравите клетки во ткивата на телото. Затоа антиоксидансите се многу значајни за нашиот организам. Витамин C се смета за еден од најмоќните антиоксиданси, па на тој начин влијае на општото здравје. Постојаните оксидативни активности на слободните радикали на подолг рок доведуваат до хронични состојби како дијабет, кардиоваскуларни заболувања, канцер. Изложеноста на организмот на нивното дејство го забрзува и процесот на стареење.

Го подобрува и зголемува имунитетот и на тој начин помага при настинки и вирусни, но и бактериски инфекции. Го намалува чувството на замор. Преку неговото антиинфламаторно дејство учествува во одржување на здравјето на мозокот, очите, кожата (учествува во синтезата на колагенот), а исто така ја намалува активноста на лошиот холестерол-LDL.

Овој витамин се препорачува и кај хронични болни со срцеви тегоби, дијабетичари, пациенти со покачен крвен притисок, ревматски тегоби и многу други заболувања и состојби. Подеднакво е важен во исхраната и кај старата, но и кај младата популација. Особено се препорачува негово користење кај лицата пушачи или конзументи на стимуланси и одредени супстанци. Пушачите имаат хроничен недостаток од витамин C затоа што тој се троши за неутрализирање на отровните тешки метали од чадот на цигарите.

Особено е истакната неговата улога при апсорпција на железо.

Витамин C е значаен за јаки коски и силни заби, со што уште еднаш се напоменува неговото влијание во човековото тело.
Препорачаните дози на внесување витамин C на дневна основа се различни, но неспорно е дека низ модерниот начин на живот и осирмашената исхрана, внесот на витамин С е недоволен.

Ова е изразено во зимскиот период и во период на сезонски настинки, но и во актуелниот период на светска пандемија со Covid 19 (Sars Cov ).

Евидентирано е дека потребата на бремените жени за витамин C се зголемува за 50%, додека кај дијабетичарите за 30%.

Дозите од 500-1000 милиграми дневно се општо прифатени и треба да се напомене дека за разлика од некои други витамини кај витаминот C заради прекумерно внесување мала е веројатноста да настане состојба на хипервитаминоза, т.е. организмот вишокот на витамин C го елиминира од телото преку урината.

Денес, дополнителното внесување на витамин C во облик на таблети е вообичаена пракса на секој поединец со современ, динамичен и активен стил на живот. Витаминот C во облик на таблети во модерниот живот станува се популарен додаток и е со цел одржување на здравјето во оптимални граници.

Екстракт од шипка во себе содржи природен витамин C, B1, B2, B12, К, PP, А, пектини, танини, флавоноидни гликозиди. Покажува и антиоксидативно дејство. Многу научни истражувања укажуваат на тоа дека плодот од шипка припаѓа во групата на лековити овошја на светот. Флавоноидите од шипка ја потенцираат апсорпцијата за витаминот C, со што дополнително се зголемува бенефитот од овој витамин.

Комбинацијата на витамин C со екстракт од шипка го поттикнува имуниот систем и го поддржува здравјето на Вашето тело во услови на зголемен стрес и модерен начин на живот и исхрана.

Здравјето заслужува повеќе!