Постменопаузната остеопороза е тивка епидемија на современиот свет и се јавува многу често кај жените во менопауза како резултат на падот на естрогените хормони. Симптоми и знаци нема, сè додека не се случи фрактура. Во почетокот, најчести се фрактури на пршлените кои обично остануваат незабележани, фрактура на подлактица, бутна коска, колк и карлица.

Рано дијагностицирање на постменопаузна остеопороза како и навремено препознавање на остеопоротичните фрактури е поле на кое сè уште може многу да се направи.

Важноста на остеопорозата најдобро може да се претстави низ бројки:

  • Секоја трета жена на возраст над 50 години страда од остеопоротични фрактури.
  • 86% се зголемува ризикот од настанок на нова остеопоротична фрактура, по настанокот на првата остеопоротична фрактура.
  • Смртноста во првата година по фрактура на колк се зголемува за 20%, како резултат на директните и индиректните последици.

Златен стандард за дијагноза на остеопороза е DЕXA-апарат (дензитометар) со чија помош се евалуира густината и квалитетот на коскеното ткиво во дефинирани региони од интерес. За дијагноза се користи и ултразвучната проценка на густина на пета, а на остеопороза укажуваат и рутинските рендгенски снимки . Губитокот на коскена густина од 30% се рендгенолозите го класифицираат како Остеопороза.

Најважна е клиничката слика која го следи пациентот (карактеристичната подгрбеност, болки во коски, мускули и зглобови). При поставување на дијагнозата и следењето на болеста како и ефектите од терапијата се користат и лабораториските анализи.

Кога еднаш ќе се постави дијагноза остеопороза таа важи до крајот на животот, без оглед на текот на лекувањето.

Остеопорозата најчесто се третира со таблети и ампули (бисфосфонати –алендронична киселина, ибандронска киселина и др.), а во последните години се користи и современа биолошка терапија (деносумаб) кој се дава поткожно- два пати годишно.

Лекувањето на остеопорозата вообичаено трае со години.

Покрај основните лекови неопходна е соодветна количина на минерали и витамини да се внесуваат преку исхраната и додатоците во исхрана. Најважни минерали за изградба на коската се калциумот (99% од минералите во коската) и магнезиумот, а важна улога во процесите на создавањето на коскеното ткиво имаат и цинк, бакар, манган и бор, витаминот Д3 и витаминот К2.

Додатоците во исхрана за поддршка на здравјето на коските може да се препорачаат и превентивно. Тоа е особено битно да се препорача во периодот на предменопаузата, кога ризикот од појава на остеопороза почнува да се зголемува .

Авторката е редовен професор на Универзитетската клиника за ендокринологија, Претседателка на Македонското здружение за остеопороза и автор на книгата „Постменопаузна Остеопороза“ наменета за едукација на здравствените работници.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *