Кога претерувате со храна за време на празниците, не само што добивате на тежина, туку и може да го оптоварите вашиот дигестивен систем, како и да го влошите вашиот сон и спиење и да развиете горушица.
Додека се собираме со пријателите и семејството, цел ден грицкаме вкусни предјадења, уживаме во празнични коктели, вклучуваме вино и жестоки пијалаци со вечерата и готвиме оброци со повеќе јадења кои ги вклучуваат омилените пити на баба полни со калории и шеќер.
Потоа, следи забавата на работа со колегите, празничното излегување со најблиските, собирањето за Бадник и Божиќ.
Да признаеме, овој период на празници е полн со моменти кога се консумира повеќе храна од вообичаеното и не се внимава на слатки, газирани пијалоци и алкохол.
Повеќето лица за време на празниците качуваат неколку кила на својата тежина. Со оглед дека голем број на луѓе денес се борат со прекумерна тежина, зголемувањето на тежината за време на празниците може да биде сериозен чекор назад во грижата за своето здравје.
Што се случува со вашето тело кога се прејадувате?
Една од главните задачи на вашиот стомак е да лачи хлороводородна киселина за да започне дигестивниот процес и да ги уништи бактериите додека храната се движи низ вашиот дигестивен систем. Колку повеќе јадете, толку повеќе киселина произведувате. А дел од неа се пробива до хранопроводникот, што резултира со горушица.
Големите оброци го забавуваат вашето варење и храната троши повеќе време на обработка. Тоа предизвикува чувство на надуеност што често го имате после обилен оброк.
Како што вашето тело пробува да се справи со оптоварувањето со храна што штотуку сте ја консумирале, испраќа повеќе крв во вашиот гастроинтестинален тракт. Тоа значи дека има помалку крв за транспорт на кислород и хранливи материи до другите делови на вашето тело, оставајќи ве со чувство на слабост и поспаност.
Прејадувањето исто така предизвикува зголемување на шеќерот во крвта, особено ако консумирате многу јаглени хидрати или шеќер.
Кога шеќерот во крвта се искачува над нормалното ниво, ослободувате вишок на хормонот инсулин и добивате скок на енергија.
Вашето тело мисли дека не ви е потребна сета таа енергија како гориво и почнува да го складира поголемиот дел од неа како маснотии.
Додадете алкохол на ова претерано калориско уживање и веројатно ќе се превртувате
цела ноќ.
Кога ќе се разбудите утрото, гладувате бидејќи вашиот панкреас работел прекувремено цела вечер за да ја обработи целата таа храна и пијалок. Може да имате и симптоми како главоболка, тешкотии со концентрирање, мозочна магла или замор
Што можете да направите за да го избегнете празничното прејадување?
Едноставно одрекување или ограничување на она што го јадеме најчесто не функционира затоа што нè прави да се чувствуваме лишени, вознемирени и како да се измачуваме.
Основно што можеме да направиме е да внимаваме што ставаме во чинијата. Бидете свесни за големиот број калории во алкохолот кој го консумирате. Седнете да јадете, обидете се да не јадете во од или додека подготвувате храна.
Еве што друго можете да направите:
Вежбајте. Обидете се да ја одржувате вашата нормална рутина колку што е можно повеќе. Кога ќе тргнете во центарот на градот или во трговскиот центар за да пазарите, паркирајте го автомобилот подалеку од продавниците. Носете удобни чевли и шетајте брзо од продавница до продавница. По обилен оброк, одете на маалска прошетка. Вклучете го семејството во повеќе надворешни активности, прошетки во природа, зимско возење велосипед или санкање. Играјте активни игри во затворен простор како пинг-понг, куглање или забавни игри со движење.
Преиспитајте ја омилената храна. Омилените оброци за празниците како салатите и слатките во себе содржат многу калории, масти и шекери, од кои сите придонесуваат за зголемувањето на тежината и негативно влијаат на нашето здравје. Потрудете се за време на прославите и дружењата да направите подобар избор во мешањето на видовите на храна или барем потрудете се да ги ограничите вашите оброци на помал избор.
Слушајте го вашето тело. Започнете со земање мали порции и внимателно уживајте во она што е во вашата чинија. Прескокнете репете и оставете простор за парче пита со разумна големина.
Размислете пред да пиете. Едно пиво може да содржи и по 175 калории, една чаша вино има 160, а жестоките пијалоци околу 115 калории. За време на празниците потрудете се да не мешате и изберете пијалоци со пониска содржина на калории.
Сон. Доволното одморање е клучно за целокупното здравје, благосостојба и вашата способност да одржувате здрава тежина. Забавете, дишете длабоко и престанете да се стресувате за секој подарок, картичка и забава. Одморете и гледајте да имате доволно сон.