Витаминот Д е витамин растворлив во масти кој игра голем број важни улоги во телото.
Некои од нив се одржување на здравјето на вашите коски, заби и зглобови и помагање на функционирањето на имунолошкиот систем. Овој потценет витамин се наоѓа во одредени видови храна, но исто така го произведувамe во телото како одговор на изложувањето на сонце.
Кога сончевите ултравиолетови-Б (УВБ) зраци се изложени на гола кожа, телото конвертира дериват на холестерол во витамин Д. Всушност, сега е познато дека секоја клетка и ткиво во телото има протеински рецептор на витамин Д.
Недостаток на витаминот Д
Знаците на недостаток на витамин Д може да варираат од болка во коските и мускулна слабост до депресија и ослабен имунолошки систем, додека подолготрајниот недостаток може да резултира со дебелина, висок крвен притисок, псоријаза, остеопороза, хроничен замор, Алцхајмерова болест, рак и дијабетес тип 2.
Изложувањето на кожата на сонце 15-20 минути секој ден може да помогне да се зголеми сопственото производство на витамин Д во вашето тело и на тој начин да се намали ризикот од дијабетес и други сериозни медицински состојби.
Инаку, можете да го добиете дневниот внес на витамин Д преку додатоци во исхраната и храна како што се јаткасти плодови, мрсна риба, јајца.
Ефекти на дијабетес
Се верува дека витаминот Д помага да се подобри чувствителноста на телото на инсулин.
Тоа е хормонот одговорен за регулирање на нивото на шеќер во крвта. На овој начин витаминот Д го намалува ризикот од отпорност на инсулин, кој често е претходник на дијабетес тип 2.
Некои научници исто така веруваат дека овој витамин може да помогне во регулирањето на производството на инсулин во панкреасот.
Неодамнешниот системски преглед и мета-анализа истражија дали суплементацијата на витамин Д ја подобрува контролата на шеќерот во крвта кај возрасните со дијабетес тип 2.
Студиите вклучени во прегледот администрираа витамин Д во различни дози, фреквенции и временски должини и во различни форми како што се таблети, пијалоци и инјекции.
Наодите од прегледот покажаа дека севкупно, просечното ниво на шеќер во крвта може да се намали со суплементација на витамин Д.
Луѓето со дијабетес тип 2 кои биле со прекумерна тежина или оние без недостаток на витамин Д во организмот, не доживеале поголеми придобивки од суплементацијата.
Кога станува збор за контрола на шеќерот во крвта, возрасните со дијабетес тип 2 кои имале недостаток на витамин Д и кои имале здрава тежина веројатно ќе имаат најголема корист од суплементацијата со витамин Д.
Најголеми ефекти настанале кога суплементите се земале подолго од 12 недели и во доза од ≥ 1000 IU на ден.
Иако се уште се потребни повеќе истражувања за да се потврдат овие резултати, моментално постои причина да се верува дека витаминот Д може да има улога во управувањето со дијабетес тип 2 кај некои луѓе.
Други здравствени придобивки
Освен што помага за контрола на гликемијата, зголемувањето на нивото на витамин Д може исто така:
- Да помогне при губење на тежината – студиите покажуваат дека добриот статус на витамин Д помага да се намалат нивоата на паратироиден хормон (PTH), што долгорочно може да промовира губење на тежината и да го намали ризикот од дебелина, што е главен фактор на ризик за дијабетес тип 2.
- Регулирање на апетитот – витаминот Д може да го зголеми нивото на хормонот лептин во вашето тело, кој го контролира складирањето на телесните масти и предизвикува чувство на ситост, давајќи чувство дека сте јаделе доволно и со тоа го намалува нивото на глад.
- Намалување на салото на стомакот – зголемувањето на витаминот Д може да помогне во намалувањето на нивото на кортизол, хормонот на стрес кој се произведува во надбубрежните жлезди.
- Кортизолот е вклучен во голем број важни функции, вклучувајќи го одговорот на телото на стрес и регулирањето на крвниот притисок. Но, повисоките и подолготрајни нивоа на хормонот во крвта може да доведат до зголемување на абдоминалните (или висцералните) маснотии, што е поврзано со различни здравствени состојби, вклучително и дијабетес тип 2.