Сенилната макуларна дегенерација е најчеста причина за губење на видот во индустријализираните земји. Претставува заболување кое го зафаќа центарот за јасен вид, односно макулата. Точните причини за нејзино настанување сеуште не се разјаснети, но се одредени некои ризик фактори кои влијаат врз нејзино појавување, а тоа се: возраст (најчесто се јавува над 55 години), бела раса (кај луѓето со бела кожа се јавува многу почесто), наследност (доколку некој во семејтсвото имал макуларна дегенерација, зголемена е веројатноста да се пренесе на децата), пушење (го зголемува ризикот за макуларна дегенрација за два пати), покачен крвен притисок (хипертензија), диети (висок внес на масти и обезност, а мал внес на зелени растенија, витамини, здрави масти), претходна хирургија на очите (катаракта и сл), светла боја на очите (светлите очи се поосетливи на штетните зраци), долготрајна изложеност на сонце (луѓе кои работат во надворешни услови) и др.
Постои во две форми, сува и влажна форма, од кои првата се лекува со суплементи, и е подобарата форма, а втората, која води до трајно оштетување на видот, се лекува со терапија, најчесто со интраокуларна апликација на лекови.
Дали може да се превенира?
Првично, добро е да се избегнуваат погоре наведените ризични фактори, а она што може да помогне во ублажување и спречување на прогресија на болеста е внесот на антиоксиданси.
Правени се студии (AREDS1 и AREDS2) кои укажуваат дека земањето на високи дози антиоксиданси, како витамини и минерали, значајно го намалува ризикот за прогресија од сува во влажна форма, а со тоа и зачувување на видната острина. Препораката е сите луѓе над 55 години, особено оние со ризик фактори, да имаат редовни офталмолошки прегледи и да примаат редовно суплементи.
Кои суплементи?
Препораката е да се земаат витамин Е, витамин Ц, Цинк со бакар, Витамин А и Бета каротен, но да се внимава на дозите, особено цинкот и каротените. Понатаму, лутеин и зеаксентин, кои што за 26 % го намалуваат ризикот кај пациенти кои немале доволен внес на овие суплементи.
Додавањето на Омега 3 маси киселини, уште повеќе го подобрува дејството.
Освен суплементната терапија, она што може да го намали ризикот е внес на доволно количество зеленчук со зелени листови, собено кај оние со генетски ризик. Пушењето треба да се прекине. Да се носат соодветни очила за сонце, кои имаат заштита од штетните зраци. Да се намали долготрајното изложување на сонце. А одредени автори препорачуваат и редовен внес на риба.